Владата сака да зема поевтини заеми од домашните банки и фондови отколку досега. И не само тоа, туку во поново време таа бара и подолг период на враќање на позајмените пари. Ова може да се види од најновите аукции кои Министерството за финансии ги закажа за денес, а на кои ќе се обиде да се задолжи за околу 41 милиони евра. Од проспектите јасно се гледа дека е намалена каматната стапка на речиси сите државни хартии од вредност што ќе бидат издадени, што всушност значи дека банките и фондовите сега ќе добијат помал „ќар“ за парите што ќе и' ги позајмат на државата. Исто така, може да се забележи дека во последниов период тримесечните записи како да излегуваат од игра, а многу повеќе се оди на задолжување преку шестмесечните и едногодишните записи, како и на петгодишните државни обврзници. Со тоа Владата, всушност, добива подолги рокови за раздолжување.
Владата сака да зема поевтини заеми од домашните банки и фондови отколку досега. И не само тоа, туку во поново време таа бара и подолг период на враќање на позајмените пари.
Ова може да се види од најновите аукции кои Министерството за финансии ги закажа за денес, а на кои ќе се обиде да се задолжи за околу 41 милиони евра. Од проспектите јасно се гледа дека е намалена каматната стапка на речиси сите државни хартии од вредност што ќе бидат издадени, што всушност значи дека банките и фондовите сега ќе добијат помал „ќар“ за парите што ќе и' ги позајмат на државата. Исто така, може да се забележи дека во последниов период тримесечните записи како да излегуваат од игра, а многу повеќе се оди на задолжување преку шестмесечните и едногодишните записи, како и на петгодишните државни обврзници. Со тоа Владата, всушност, добива подолги рокови за раздолжување.
Банкарите со кои разговаравме објаснуваат дека ваквото поевтино кредитирање на домашен терен државата може да си го дозволи поради моменталните односи на понудата и побарувачката на пазарот, односно поради зголемената понуда на средства што доаѓа од банките. Конкретно, банките имаат вишоци пари поради солидните износи на штедни влогови (иако тие во март покажаа извесно благо намалување, главно поради повлекувањата на депозитите од компаниите), а од друга страна, пак, и натаму многу слабо кредитираат, поради драматичниот раст на лошите заеми, кои веќе се на ниво од 416 милиони евра. Значи, слободните средства треба некаде да се вложат, велат нашите соговорници, а кога се внимава со финансирање на бизнисот, најсигурна за кредитирање останува државата, па дури и со помал финансиски бенефит.
Како последица на ова сигурно ќе се намалат каматите на штедните влогови, а потоа може да се очекува и извесно поевтинување на кредитите.
Инаку, за денес Министерството за финансии најавува две аукции на шестмесечни записи, и тоа по камати од 3,40 и 3,45 отсто. На претходната аукција нивните каматни стапки беа на нивоа од 3,70 и 3,75 проценти, што значи дека има значајно снижување од 0,3 процентни поени. Преку овие хартии од вредност државата планира да собере најмногу средства, односно 16,3 милиони евра преку првата и 18,7 милиони евра преку втората аукција. Тримесечни државни записи денес нема да се емитуваат.
За задолжување на една година Владата е подготвена денес да понуди камата од 3,9 отсто, додека на претходните аукции каматната стапка на 12-месечните записи беше 4,25 отсто. Преку овие хартии од вредност планот е да се собере помалку пари, околу 1,6 милиони евра. И, сума од 4,5 милиони евра државата сака да зајми на многу подолг рок, односно преку петгодишна обврзница, каде што отплатата е на пет еднакви годишни рати. И кај петгодишната обврзница може да се забележи намалување на камата, која денес ќе биде 4,9 отсто, наспроти претходните аукции кога таа изнесуваше 5,15 проценти.
Од Министерството за финансии вчера објаснија дека државата заштедува со намалување на каматите на државните хартии од вредност. „Со намалување на каматната стапка државата заштедува, се плаќаат помали трошоци во услови на висок интерес за купување државни записи“, потенцираат од ресорот за финансии.
Инаку, намалена е и каматната стапка на благајничките записи, каде што на последната аукција нејзиниот просек беше 3,38 отсто, а познато е дека референтната камата на Народна банка на Македонија е 3,5 отсто. Причина е што износите на благајнички записи што ги нуди НБМ се ограничени, а банките конкурираат со каматата, па која ќе понуди пониска, таа добива поголем износ.
„Не барајте ништо во заднина, главната причина за намалувањето на каматните стапки на државните записи, па и на благајничките, е фактот што има поголема понуда. Банките имаат голема ликвидност и нудат многу пари, а не сакаат премногу да вложуваат во кредити во фирмите. Државата тоа го сфати и затоа нуди и пониски камати, но и бара подолги рокови, затоа што така повеќе и' одговара, да и' се пролонгира раздолжувањето“, вели еден од банкарите во земјава.
Според него, ова може да биде позитивно, бидејќи сигурно ќе ги намали каматните стапки. „Логично е дека ќе се намалат каматите на влоговите. Па како банката дава камата од 4 или 5 отсто на денарските заштеди, на пример, а од друга страна да ја кредитира државата за 3,4 отсто. Потоа ќе се спуштат и каматите на кредитите“, објаснуваат банкарите.
Инаку, внатрешниот долг на државата, кој се „билда“ главно преку овие домашни државни хартии од вредност, постојано се зголемува, а на крајот на февруари годинава веќе достигна 1,03 милијарди евра.